Унгарија денеска од Белгија го презеде претседавањето со Советот на ЕУ, а унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е време Будимпешта „повторно да ја направи Европа голема“.
Орбан на социјалната мрежа „Х“ објави дека денеска учествувал на „многу радосна церемонија на примопредавање“ со белгискиот премиер Александар Де Кро.
-Сите се среќни што дојде редот да ја направиме Европа повторно голема!, рече Орбан, алудирајќи на мотото на шестмесечното унгарско претседателство „Да ја направиме Европа повторно голема“.
Во официјалната наредба на унгарското претседателство со Советот на ЕУ се изразува благодарност до Белгија за посветената работа за време на претседавањето.
-Додека Унгарија го презема претседателството денес, ние сме желни да ја направиме Европа поконкурентна, побезбедна и поотпорна, соопшти унгарското претседателство.
Како што беше претходно најавено, еден од седумте приоритети на Будимпешта за време на претседавањето со Советот на ЕУ ќе биде конзистентна и заснована на заслуги политика на проширување, со порака дека ЕУ не може да биде целосна без пристапот на Западен Балкан во блокот.
Покрај проширувањето, приоритети на унгарското претседателство ќе бидат конкурентноста, одбраната, илегалната миграција, регионалниот развој, земјоделската политика и демографијата, се наведува на веб-страницата на Претседателството.
-ЕУ долго време е ангажирана да обезбеди европска перспектива за Западен Балкан, бидејќи заедницата не може да биде целосна без пристапувањето на овој регион. Интеграцијата на регионот носи придобивки за Европската унија во економска, безбедносна и геополитичка смисла, се наведува во програмата на унгарското претседателство.
Со цел понатамошно проширување и продлабочување на соработката, се додава, партнерите ќе бидат поканети на консултации и во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан и во рамките на Европската политичка заедница.
Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, обликување на иднината на кохезионата политика на ЕУ, земјоделска политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.
Унгарското претседавање со Советот на ЕУ доаѓа во периодот на конституирање на новото раководство во европските институции.
По Белгија, Унгарија ќе претседава со ЕУ од 1 јули до 31 декември.