Украина во дослух со Брисел го запре транзитот на руски гас со цел да изврши притисок врз Унгарија и Словачка и да ги вовлече во конфликт, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– На почетокот на оваа година Киев во дослух со бриселските бирократи затвори голем европски гасовод што минува низ негова територија. Со ова сакаат да извршат притисок врз Словаците и врз нас за да нè вовлечат во руско-украинскиот конфликт, рече Орбан во видео обраќањето на Дипломатскиот форум во Анталија, објавено на социјалната мрежа Фејсбук.
Орбан нагласи дека Будимпешта сега има можност да добива руски гас само преку „Турски тек“, и затоа Анкара е клучен унгарски партнер и целта на неговото доаѓање во Анталија се преговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Притисокот не исчезна, Брисел сè уште се обидува да ги победи Унгарците, но ние ќе ги заштитиме интересите на унгарскиот народ и нема да се согласиме на уцени, изјави Орбан.
На дипломатскиот форум во Анталија на 12 април ќе учествува и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Будимпешта и Братислава бараат од Киев да го врати транзитот на рускиот гас за централна Европа и сакаат да ја обезбедат поддршката од Брисел, но прашањето се уште не е решено. Унгарија сè уште го добива најголемиот дел од својот гас според долгорочните договори со Гаспром преку гасоводот „Турски тек“ и неговите краци преку Бугарија и Србија.
Според унгарските податоци, во 2023 година овој показател бил 5,6 милијарди кубни метри, а во 2024 година достигнал рекордни 7,6 милијарди кубни метри. Од своја страна, Унгарија испорачува гориво за соседна Словачка.