Европската унија не може да си дозволи да ги финансира воените напори на Украина, бидејќи финансиската помош од САД веќе не е загарантирана, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, откако лидерите на 26 земји од ЕУ, со исклучок на Унгарија, потпишаа изјава во која изразуваат поддршка за Украина.
Орбан, сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така негува врски со Москва, изјави за државното радио дека неговата влада во Унгарија ќе започне „јавна консултација“ за пристапот на Украина во Европската унија во наредните недели.
Орбан рече дека начинот на кој ЕУ сега сака да ја поддржи Украина, додека истовремено ги зголемува сопствените трошоци за одбрана на Европа, ќе ја „уништи Европа“.
– Денеска изгледа ставив вето. Но, за неколку недели ќе се вратат и ќе испадне дека нема пари за овие цели – рече Орбан.
Унгарскиот премиер, кој е на власт од 2010 година, ја започнува оваа национална политичка кампања бидејќи се соочува со избори следната година, а економијата штотуку излегува од инфлаторна криза. Покрај тоа, тој се соочува со растечка нова опозициска партија што претставува најголем предизвик за неговото владеење досега.
Европските лидери во четвртокот ги поддржаа плановите за повеќе трошоци за одбрана и континуирана поддршка за Украина во светот потресен од пресвртот на американската политика на Доналд Трамп.
Орбан, кој од почетокот на војната одбива да испрати оружје во Украина и одржува блиски односи со Москва, рече дека наместо да ја продолжува војната, Европа треба да ги поддржи мировните преговори на Трамп.
Трамп рече дека Европа мора да преземе поголема одговорност за својата безбедност. Во четвртокот, тој изрази сомневање за неговата подготвеност да ги брани сојузниците на Вашингтон во НАТО, велејќи дека нема да го стори тоа доколку тие не платат доволно за сопствената одбрана.