– Помошта за Украина во борбата против руската инвазија не смее да биде на штета на буџетот на Европска Унија, изјави денеска премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Унгарија е против ревизија на буџетот на ЕУ за да се издвојат 50 милијарди евра за Киев и други задачи како што е миграцијата. Европските лидери за ревизијата на буџетот ќе разговараат на претстојниот Самит на ЕУ закажан на 1 февруари.
– Ако сакаме да и помогнеме на Украина, што мислам дека треба да го направиме, мораме да го направиме тоа без да му се наштети на буџетот на ЕУ. Но давањето 50 милијарди евра од буџетот на ЕУ четири години однапред е кршење на суверенитетот и националните интереси на ЕУ. Не знаеме ни што ќе биде за три месеци, посочи Орбан.
Според унгарскиот премиер финансиската програма за Украина треба да се одвои од буџетот на ЕУ. Тој објасни дека унгарскиот предлог за воспоставување на таков механизам се заснова на распределба на помош врз основа на бруто националниот приход.
– Ако Брисел го прифати тоа, тогаш ќе има помош за Украина, надвор од буџетот. Ако не, тогаш ќе ми биде жал што морам да го стопирам тој процес, истакна Орбан.