Орбан: Ќе го поддржам холандскиот премиер за шеф на НАТО, но со овие услови

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан изјави дека може да го поддржи холандскиот премиер во заминување Марк Руте за функцијата генерален секретар на НАТО доколку се исполнат одредени услови.

Руте треба да се извини за „навредливите забелешки“ кои ги изрече за Унгарија, изјави Орбан за порталот Mandiner финансиран од унгарската влада.

Тој, исто така, мора да се согласи дека „Унгарија не треба да учествува во ниту една воена мисија на НАТО насочена против Русија во Украина“. Унгарија е членка на НАТО од 1999 година.

Инаку, мандатот на актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, завршува во октомври. Потребен е консензус на Алијансата од 32 земји за да се избере наследник.

Во моментов, сите земји-членки освен Романија и Унгарија го поддржуваат Руте.

Романија има свој кандидат за највисокото место во НАТО, претседателот Клаус Јоханис.