Оригинален рецепт за руска салата: Оброк подготвен за 20 минути ќе ви ја разубави трпезата

Ќе се согласиме дека нема прослава што може да помине без руска салата. Тоа е едно од незаменливите работи на празничната трпеза, а рецептот за руска салата може да варира во зависност од тоа како ја подготвува домаќинката. Во продолжение ви го пренесуваме оригиналниот рецет со кој нема грешка.

Состојки:

  • 1 кесичка зеленчук за руска салата (обично 450 грама)
  • 1 кг бело месо
  • 200 гр шунка
  • 2 јајца
  • 150 гр кисели краставички
  • 250 гр мајонез
  • 250 гр кисела павлака
  • 1 лажица сенф
  • сол, бибер

Подготовка:

Во солена вода сварете го зеленчукот за руска салата заедно со парче бело месо (најдобро е да е без коски за да немате отпад).

Зеленчукот варете го до првото зовривање и извадете го од тенџерето, па ставете го под млаз ладна вода и потоа оставете го во цедалка да се излади.

Кога пилешкото е готово проверете со вилушка и извадете го исто така. Не мора да го исецкате , доволно е само да го искинете со вилушка, но ако сакате можете и да го исечете.

Ставете ги јајцата да се варат.

За тоа време, шунката и исцедените кисели краставички исечкајте ги на ситни парчиња . Зачинете со бибер и сол и оставете го на страна.

Соединете ги сите состојки и додадете мајонез, павлака и сенф, па добро измешајте за cè добро да се соедини. По вкус, можете да додадете повеќе „дресинг“ ако мислите дека салатата е сува.