– Во рамките на договорот за размена на заробеници меѓу Хамас и Израел, 33 Палестинци, од кои 30 деца и три жени, ослободени се од израелските затвори.
Израел ослободи уште 33 Палестинци кои беа во израелските затвори.
Затворениците од окупираниот Западен Брег го напуштија израелскиот воен затвор „Офер“ со автобус на Меѓународната организација на Црвениот крст и пренесени се во Рамала.
Израелските војници интервенираа со солзавец и боева муниција против луѓето што се собраа во градот Бетунија за да ги дочекаат палестинските затвореници.
Палестинското Министерство за здравство објави дека еден Палестинец е убиен од истрелите на израелските војници.
Меѓу ослободените се наоѓаат и девет лица од Ерусалим (Кудс), во кои и најмладата затвореничка Нофут Хамад (16 години), која беше осудена на 12 години затвор, а преостанатите 24 затвореници се од провинциите на Западниот Брег.
Оваа четврта група палестински затвореници пуштени од израелските затвори според договорот за хуманитарна пауза меѓу Хамас и Израел пристигна во Појасот Газа со посредство на Катар, Египет и САД.
Министерството за надворешни работи на Катар вчера објави дека хуманитарната пауза е продолжена уште два дена.
Четиридневната хуманитарна пауза меѓу Хамас и Израел стапи на сила во петокот, на 24 ноември, во 07:00 часот по локално време.
Според договорот, ќе бидат ослободени 150 Палестинци од израелските затвори во замена за ослободување на 50 израелски заробеници што ги држи Хамас.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.