Мохамед Хадид, таткото на манекенките Џиџи и Бела, раскажа како еврејско семејство ги исфрлило од домот во Палестина

Мохамед Хадид, таткото на светски познатите палестинско-американски манекенки Бела и Џиџи Хадид, изјави дека протерувањето на палестинските цивили од Појасот Газа го потсетило на искуството на неговата мајка од пред 75 години.

Хадид имал само 9 дена кога неговото семејство било исфрлено од нивната куќа од страна на две еврејски семејства на кои претходно им дале засолниште откако избегале од Европа по Втората светска војна.

Овој бизнисмен со потекло од Палестина за Анадолу раскажа дека најновите сцени од Газа го потсетиле на она што неговата мајка го доживеала пред 75 години, кога неговото семејство преку ноќ станало бегалско семејство без сопствен дом.

– Евреи им ја зазеле куќата

Хадид раскажа дека палестинскиот народ им ја отворил својата врата на еврејските мигранти од Полска и Унгарија кои избегале од Европа и со брод пристигнале во пристаништето Хаифа во 1946 година.

Тој истакна дека неговиот татко во тие околности примил две еврејски семејства во својот дом во Сафад.

Како што рече, неговата мајка две години подоцна заминала во Назарет, во куќата на нејзиниот татко, каде што го родила.

Мохамед истакна дека е роден во Назарет, што се наоѓа во северниот дел на Палестина, во 1948 година, кога започнала Првата израелско-палестинска војна.

Во тоа време, еврејските групи почнале да ја крадат земјата од Палестинците, а неговото семејство било во Назарет, далеку од нивниот дом во Сафад, во кој продолжиле да живеат еврејските семејства на кои им дале засолниште.

Неговото семејство му раскажало што се случувало тие денови во Палестина додека тој сѐ уште бил бебе.

„Кога сум имал само 9 дена, мајка ми се вратила во нашата куќа во Сафад, водејќи ја со себе и мојата двегодишна сестра. Сафад тогаш речиси бил окупиран од Евреите кои престојувале таму. Мојот татко, професор на Универзитетот Хаифа, исто така не бил дома. Кога сме пристигнале до куќата која му припаѓала на нашето семејство, еврејските семејства не нѐ пуштиле да влеземе внатре“, раскажува Мохамед Хадид.

– Преку ноќ станале бегалци

Мохамед истакна дека неговата мајка Хајрија Хадид, кога сфатила дека станале бегалци, сакала да ги земе ќебињата од куќата за да не им биде студено на нејзините деца, но еврејското семејство не ѝ го дозволиле тоа.

Тој додаде дека на неговата мајка не ѝ било дозволено да го земе дури ниту семејниот албум што бил во куќата.

Мохамед истакна дека сегашните сцени на цивилите кои бегаат пред израелските напади во Газа го потсетиле на она што мајка му му го раскажувала за бегството од Палестина во Сирија заедно со децата. За бегството и деноноќните талкања по планините, понекогаш на грбот на животни, понекогаш пеш, и конечното пристигнување во бегалскиот камп во Сирија по неколкудневно макотрпно патување.

Со татко му се сретнале во кампот дури по неколку дена.

„Не се сеќавам на ништо од тоа време бидејќи сум имал само 9 дена. Но она што го видов на телевизија длабоко ме потресе и дури сега сфатив низ каква голгота, борба и потешкотии минувала мојата мајка кога ме носела до бегалскиот камп“, рече Хадид.

– Закани со смрт

Потсети дека неговите ќерки, светски познатите манекенки Бела и Џиџи, споделуваат објави на социјалните мрежи за да го свртат вниманието врз цивилните жртви во израелските бомбардирања на Појасот Газа.

„Моите деца ги следат своите мисли за околината и за она што им се случува на луѓето во светот. Тие со години го даваа својот придонес по овие прашања, од катастрофалниот земјотрес во Туркије до големата глад во Африка, бездомништвото во југоисточна Азија и изградбата на училишта на УНИЦЕФ. Отсекогаш биле заинтересирани за хуманитарни случувања. Бидејќи сум Палестинец, со еден дел и тие се Палестинки. Ова секако дека кај нив предизвикува природно интересирање за оваа тема“, истакна Хадид.

Мохамед напомена дека по израелските напади на Газа се зголемиле критиките и заканите кон неговото семејство.

„Добиваме голем број закани. Примам многу пораки на омраза по пат на електронска пошта. Мојот и бројот на моите ќерки ги споделуваат на интернет. Добивме многу повици, од закани со смрт до напади. Бевме принудени да ги смениме телефонските броеви“, рече Мохамед Хадид, кој живее во САД.

– Извор на антисемитизмот е Западот

Според неговото уверување, антисемитизмот е нешто што настанало во Европа.

„Ова се случило во Источна Европа и на Западот, токму против народите од нашиот регион. Но јас не можам да бидам антисемитист, бидејќи самиот сум од семитско потекло. Доаѓам од подрачје каде е роден Иса (Исус). Не можам да бидам против самиот себеси, нели“, запраша овој Палестинец.

Тој појасни дека како потомци на Ибрахим (Абрахам) всушност се роднини со Евреите и дека веруваат во еден Господ, но дека Евреите, можеби повеќе не се чувствуваат така.

„На тоа подрачје се собраа три религии. Значи, ние не можеме да бидеме против нив, ниту тие можат да бидат против нас“, истакна Мохамед Хадид.

– Најголемата болка на светот

Нагласи дека најголемата болка на светот е кога луѓето не можат да се вратат во земјата каде се родени, живи, па дури ниту мртви.

Три најболни настани во неговиот живот се што не можел да ја исполни желбата на неговите мајка, татко и баба да бидат погребани во земјата во која се родени и израснале.

„Повеќе никој нека не ја доживее болката да не може да се врати, жив или мртов, во земјата во која е роден и израснал“, порача Хадид.

Потоа се присети како со години живееле во различни земји како бегалци, откако еврејските доселеници ги протерале од Палестина.

Раскажувајќи дека определен период со семејството живеел на грчкиот остров Родос, Мохамед се потсети дека неговата баба починала на овој остров и не можела да биде закопана во Палестина.

Тој истакна дека баба му била закопана на гробиштата во близина на џамијата што неговите роднини ја изградиле на Родос за време на османлискиот период.

„Тоа беше најблиското можно место до Палестина“, раскажа 75-годишниот Мохамед Хадид, и додавајќи дека неговите родители се погребани во САД, рече:

„И јас би сакал да бидам погребан во земјата во која сум роден.“