– Ослободени се четворицата косовски државјани што Србија ги приведе во вторникот на граничниот премин во Мердаре, а кои сакале да преминат во Србија за да заминат во Германија.
По ослободувањето, дел од нив се изјаснија за медиумите при влегувањето на косовска територија.
Еден од граѓаните што беше ослободен од Србија, Дервиш Малиќи, изјави дека српската полиција добро се однесувала кон нив.
„Штом стигнавме на српска страна, бевме запрени и ни ги зедоа документите, а потоа ништо не знаевме. Нѐ испратија во Куршумли каде останавме околу два часа“, нагласи тој.
Тој рече дека полицајците рекле и дека нивното приведување е поврзано со политичките актуелности на Косово.
Но, косовскиот државјанин рече дека е несигурен дали повторно ќе тргне по истиот пат.
„Веројатно ќе продолжиме од рутата Црна Гора – Хрватска и не би преферирал мигрантите да ја поминат оваа рута, бидејќи може да бидат обвинети без никаква основа“, рече тој.
Четворица граѓани, државјани на Косово, се ослободени од Обвинителството на Куршумли, откако во вторникот биле приведени на граничниот премин во Мердаре.
Српските власти, исто така, продолжуваат да држат тројца полицајци киднапирани во средата на косовска територија, според косовските власти.
Претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти ги повикаа српските власти и меѓународната страна да реагираат за да се овозможи итно ослободување на полицајците.