Османи: Владата не именува и разрешува министри, туку Собранието

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на медиумска конференција во Владата, одговарајќи на новинарски прашања, не кажа дали е прифатено барањето за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација. Тој само накратко ја образложи постапката за именување и разрешување министри. Доколку има некакво барање од некој од коалициските партнери, како што рече, тоа е упатено до премиерот.

„Владата не именува и разрешува, туку Собранието. Доколку има барање од некој од коалиционите партнери, тоа се упатува до премиерот и потоа премиерот одлучува дали ќе го предаде на Собранието и Собранието конечно одлучува за одредени кадровски решенија во Владата. Нашите министри се именуваат и разрешуваат во Собранието. Ако има нешто вакво, премиерот е информиран и тој е тој што треба да го извести Собранието за вакви одлуки доколку има такво барање од партија која е партнер во коалицијата“, потенцира Османи.

Од друга страна, на прашањето дали ќе биде кандидат за претседател на државата, тој одговори дека тоа се партиски одлуки.

„Тоа се партиски одлуки, за ова не сме разговарале, нагласи министерот.

Кадровскиот комитет на Алијансата за Албанците попладнево одлучи да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити.