Османи: Воената агресија на Русија влијае на севкупната функционалност на ОБСЕ

– На маргините на 78-то Генерално собрание на ОН, во својство на претседавач со ОБСЕ министерот за надворешни работи Бујар Османи предводеше средба на ОБСЕ Тројката, во која покрај Северна Македонија, влегуваат и Финска и Полска и генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид. 

Како што соопшти МНР, со министерката за надворешни работи на Финска Елина Валтонен, министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау и генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид, Османи разговараше за актуелните состојби во Организацијата, претстојното Претседателство во 2024, но и за горливите предизвици на теренот во регионот на ОБСЕ.

Во контекст на ризиците предизвикани од руската воена агресија врз Украина, Османи посочил дека моменталната ситуација сериозно влијае на сите иницијативи во Организацијата, но и на севкупната функционалност на ОБСЕ.

– Влегувајќи во последните неколку, исклучително клучни месеци од нашето Претседателство, имаме неколку отворени прашања што треба да ги решиме, подвлече на средбата Османи.

Османи соопшти дека со назначување на новиот Специјален претставник за Украина, амбасадорот Марсел Пешко, се истражуваат и дополнителни опции за ангажирање на ОБСЕ во Украина, со цел да се одговори на потребите на луѓето на терен, а ја најави и својата втора посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ.

– Треба да покажеме единство кон Руската Федерација дека оваа Организација треба да опстојува. Мора да зборуваме обединето и да настапиме со координиран пристап и заедничка стратегија за следните чекори во обидот за решавање на некои од овие отворени прашања, истакна Османи.

На состанокот се дискутираше и за останатите предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ, како состојбите во Молдавија, Ерменија и Азербејџан, како и Централна Азија.

Османи најави втора посета и на Молдавија, со цел да се сретне со Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија, како и втора посета на Централна Азија во октомври, односно Киргистан, Таџикистан и Туркменистан, по неговата посета на Узбекистан и Казахстан како Претседавач со ОБСЕ во август.

Во однос на ситуацијата во Ерменија и Азербејџан, Османи повтори дека имаше продуктивни средби со министрите за надворешни работи на овие земји и истакна дека ОБСЕ треба да игра активна улога во намалувањето на тензиите и животите на засегнатите луѓе.

Со цел решавање на сите отворени и горливи прашања со кои се соочува ОБСЕ, Османи најави и засилен Постојан совет кон крајот на месецов, бидејќи, како што рече „сложената ситуација бара итно внимание и решавање“.

На крајот на средбата со ОБСЕ Тројката, претседавачот Османи упати порака и дека до крајот на мандатот на Претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, фокусот ќе остане на теренските мисии, граѓанските организации и пред сè на луѓето, кои се крајните корисници од „производите“ на ОБСЕ.