Османи во БиХ во посета на една од најголемите теренски мисии на ОБСЕ и на средби со државниот врв

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина во рамки на неговите активности како претседавач со ОБСЕ. 
 
Во БиХ, Османи ќе има средби со државниот врв, претставници на Парламентот, на граѓански организации, како и други партнери и соработници на ОБСЕ, соопшти МНР. 
 
При посетата и разговорите со официјалните лица од БиХ, Османи ќе се осврне на насоката во која ќе се движи понатамошната соработка помеѓу ОБСЕ и БиХ, како и поддршката на приоритетните области за БиХ од страна на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ – засилена борба против корупцијата, помирувањето и зајакнување на социјалната кохезија.  
 
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина е една од најголемите теренски мисии на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Со нејзино седиште во Сараево и осум теренски канцеларии, Мисијата на ОБСЕ во БиХ придонесува во градење на капацитетите на институциите и директно градење на довербата меѓу граѓаните.