– Министерот за надворешни работи и член на Претседателството на ДУИ Бујар Османи вели дека новата кампања на ДУИ насловена „Тој доаѓа“ не се однесува на избори и најавува дека наредните денови ќе се знае што точно значи оваа кампања.
Во изјава за Канал 5 телевизија, Османи вели дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека Владата е стабилна, а коалицијата има зголемено мнозинство.
– Избори ќе има редовни, некаде април – мај 2024 година. Ова кампања не се однесува на избори. Не се однесува на премиер Албанец, туку е сосема друга кампања којашто наредните денови веројатно ќе се открие, вели Османи.
Прашањето за изборите, според Османи, е тема која ќе стане актуелна следната година, а она на што сега треба да биде ставен фокусот се економската стабилизација, уставните измени и продолжувањето на европскиот пат на државата.
Во однос на информациите за можен напад врз делегацијата на ОБСЕ при посетата на Молдавија предводена токму од него, Османи рече дека нема поптврда за такво нешто.
– Веројатно има обид за издигнување на некој наратив на меѓународно ниво, бидејќи ОБСЕ и претседавачот на оваа Организација сепак е профил кој што може да ја издигне било која тема и било која нарација на меѓународно ниво. Во текот на посетата немавме никакви индикации за такво нешто, нагласи Османи.