– Министерот за надворешни работи Бујар Османи, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и „Пријателите на Западен Балкан” во процесот на проширување на ЕУ, што се одржа во Виена и Вахау, на покана на министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.
Како што соопшти МНР, во неговите обраќања на двете работни сесии, „Поплочување на патот за пристап на Западен Балкан во ЕУ преку постепена интеграција“, и „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Време е да се оствари!“, Османи истакнал дека квалификуваното мнозинство за отворање поглавја како и постепената интеграција пред членството се решенија за последиците на одолговлекувањето на процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
-Треба да го промовираме овој нон-пејпер за квалификувано мнозинство за европеизација. За членство можеме да ја задржиме едногласноста засега, бидејќи тоа носи одредена доверба во Европската унија, но отворањето на поглавјата, Привремените одредници треба да бидат предмет на квалификувано мнозинство, истакнал Османи.
Министерот Османи, се додава, ја елараборирал и неопходноста од постепена интеграција.
-Мислам дека изворот на фрустрација е процесот што е бинарен: нула или се, се или ништо. Не добивате ништо додека не станете земја-членка, а добивате сè откако ќе станете земја-членка. Ова ги фрустрира земјите-членки. Ова не фрустрира нас. Треба да направиме промена на парадигмата, од моментот на членството, кон самиот процес, па да почнеме да се интегрираме во процесот на патот кон членството, во три траектории: единствен пазар, политички форуми и кохезивни и структурни фондови, навел Османи.
Воедно, Османи изразил благодарност кон земјите-членки на Унијата, соседи и пријатели на Западен Балкан за конзистентната поддршка за што побрза и целосна интеграција на регионот во Унијата, нагласувајќи притоа дека истата претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот континент, стои во соопштението од МНР.