Во интервју за Радио Слободна Европа, кандидатот за претседател од редовите на Европскиот фронт, Бујар Османи, вели дека нема да има Влада без спроведување на уставните измени. Османи не ја исклучи можноста за оваа цел во иднина да се формира национална влада.
На прашањето за идејата за една сеопфатна влада која би ги реализирала уставните измени, Изет Меџити од албанската опозиција рече дека овие измени за ВРЕДИ се приоритет број 1, но според него, Османи со оваа идеја се обидува да ја спаси ДУИ.
„Тој кога зборува за проширена влада и други опции, зборува за својата мака и маката на неговите соработници за многуте скандали со корупција, дека треба да водат сметка дека некој друг треба да понесе одговорност за нив, затоа бараат влада за спас на Бујар и ДУИ а не влада за спас на граѓаните или за интеграција на земјата. Тие постојано во овие 4 години зборуваа за евроинтеграции, за уставните измени, за 80 пратеници во Собрание и се грижеа како да обезбедат 61 пратеник во Собрание“, вели Изет Меџити.
Македонија веќе ги започна преговорите за членство во ЕУ, но за отворање на поглавјата потребно е да се усвојат уставните измени со 2/3 гласови во Собранието, со што дел од Уставот ќе стане бугарската етничка заедница како и неколку други заедници.