Османи од Брисел: Северна Македонија е пример на Балканот за функционална мултиетничка демократија

– Република Северна Македонија покажа дека и во регион како Балканот полн со предрасуди, државите можат да бидат и функционални мултиетнички демократии и служи како пример, не само за регионот, туку и пошироко, за што доказ е и претседавањето на земјата со ОБСЕ, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Како што соопшти МНР, Османи на седницата одговараше на бројните прашања на европратениците поврзани со актуелните предизвици со кои се соочува земјава на патот кон Унијата, како што се скрининг процесот, спроведувањето на реформската агенда, уставните измени, па се до статусот на етничките заедници со фокус на бугарската етничка заедница.

Османи истакна дека тоа што ги разликува државниците од политичарите е фактот дека државниците од Северна Македонија мислат за идните генерации, наспроти политичарите кои мислат само за следните избори.

Во тој контекст, Османи нагласи дека државата има цел да изгради совршен однос кон сите заедници без разлика на нивната бројност, каде сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман, но дека истовремено е потребно да се создава соодветна атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

– Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатланска Северна Македонија. И јас се гледам себе си како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Северна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни, рече Османи.

Тој нагласи дека уставните измени, за кои денес почнаа институционалната расправа, ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.

– Почнува првата средба на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија, но тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка. Поддршка од вас во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот, рече шефот на дипломатијата пред европратениците.

Османи, меѓу другото, повика на јасни сигнали од Брисел за кредибилен и предвидлив евроинтегративен процес, како одговор на евроскептицизмот, кој е во раст во земјава.