Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и „Пријатели на Западен Балкан“, што се одржа во Рим, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.
Во говорот одржан на сесијата „Заедничка работа за забрзување на процесот на европска интеграција на Западен Балкан“, Османи истакна дека воспоставувањето јасна визија за идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од голем економски интерес како и за безбедноста за регионот и за Унијата.
Министерот се осврна на концептот „Поголема интеграција пред полноправно членство“, нагласувајќи дека тој концепт е комплементарен со Планот за раст на Западен Балкан, каде што покрај подобрувањето на демократските процеси, економската и безбедносната состојба на земјите од Западен Балкан ќе придонесе и за видливото унапредување на одржливоста и зајакнувањето на заедничкиот одговор на заедничките предизвици.
Заблагодарувајќи им се на италијанските домаќини за иницијативата и поддршката од пријателските земји од регионот, МНР Османи апелираше дека во дадениот геостратешки и регионален контекст потребата од стратешка мисла и дејствување е поголема од кога било досега.
„Потребно е сите заедно да ги удвоиме напорите за искористување на целосниот потенцијал на она што моментално го имаме на располагање, но и да ја задржиме амбицијата за натамошно унапредување и забрзување на интеграцијата на среден рок. Ова ќе внесе нов ентузијазам за земјите и граѓаните од регионот, како и за подобрување на кредибилитетот на процесот за членство“, рече Османи.
Во рамки на престојот во Италија, Османи имаше средба со новите носители на МКарта.