Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи ги коментира последните настани со палење знамиња.
Османи рече дека пред една година светот бил во Скопје, додека една година подоцна гледаме запалени знамиња, знамиња отстранети од полицијата, продлабочување на поделбите и реторика која потсетува на најтемните денови од минатото.
Како дегенериравме овде?
Денес пред една година светот беше во Скопје. Нашиот главен град беше домаќин на министрите за надворешни работи на ОБСЕ, на историски настан каде што ги промовиравме мирот, дијалогот и соработката како вредности кои не дефинираат како општество. Бевме пример за регионот и пошироко, покажувајќи дека Северна Македонија е земја која знае да гради мостови, а не ѕидови.
Денес, една година подоцна, гледаме запалени знамиња, знамиња отстранети од полицијата, продлабочување на поделбите и реторика која потсетува на најтемните денови од минатото. Како дегенериравме овде? Како стигнавме од држава која промовира демократски и мултиетнички вредности во земја во која провокацијата и дискриминацијата стануваат норма?
Ова не е само одраз на неколку поединци. Ова е резултат на раководството кое не успева да одржи еднаквост, правда и почит кон сите граѓани на оваа земја. Ова е неуспех на институциите да ги следат принципите на владеење на правото и да градат доверба меѓу граѓаните.
Албанците отсекогаш биле столб на стабилноста и развојот на оваа земја. Но, денес, пред овие настани, чувствуваме навреда на нашето достоинство, обид да не третираат како странци во нашата земја. И ова не е само неправда кон Албанците, туку удар врз визијата за рамноправна и европска Северна Македонија.
Време е да размислуваме и да дејствуваме. Албанците нема да станат плен на реториката на поделби. Ќе останеме силни и решителни, барајќи општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува почитуван и еднаков. Но, за ова е потребно лидерство, визија и храброст да се застане над провокациите и да се ориентира земјата кон вистинските европски вредности.
Пред една година светот нè гледаше со восхит. Денес е време да покажеме дека нема да дозволиме омразата и дискриминацијата да ја дефинираат нашата иднина. Можеме и мораме да го вратиме духот на дијалог, еднаквост и почитување, бидејќи само така се оди кон заедничка и одржлива иднина.
Денеска имаме обврска да не застанеме. Не само за нас, туку и за генерациите што доаѓаат. За Северна Македонија која им припаѓа на сите.