Османи: Процесот на уставни измени да се фокусира на ЕУ и да не се оптоварува со други политички прашања
Сега е потребно да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците. Процесот не треба да се оптовари со други политички прашања, коишто веројатно ќе го поларизираат општеството уште повеќе, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Тој во одговор на новинарско прашање во однос на промена на Уставот, го пренесе како што рече личниот став и посочи дека во моментот не е запознаен со изјавата и намерата на министерот за правда при отворањето на Уставот да бидат регулирани и други прашања коишто политичките партии бараат да се регулираат.
-Личен став, иако не ја знам намерата, е дека сега треба да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците. Тоа што го кажувам постојано е едноставно потврдување на тоа што имплицитно е веќе во Уставот. Значи во категоријата „други“, во Преамбулата и во останатите членови каде што се спомнуваат заедниците, се подразбираат сите тие коишто се набројани во пописот, посочи Османи на прес – конференцијата по неформалниот министерски состанок на А5 иницијативата со која претседава Северна Македонија.
Според него, формално – правно нема разлика, туку повеќе е прашање на симболика дека еднакво се третираат сите граѓани и не се делат на заедници и други, туку сите се набројуваат.
-Тоа е симболиката на овој процес. Формално – правно нема апсолутно никаква разлика меѓу „други“ и спомнување на етничките заедници. И од тука сметам дека не треба да се оптовари со други политички прашања коишто веројатно ќе го поларизираат општеството уште повеќе, рече министерот Османи.
Прашан дали Христијан Пендиков е вратен во земјава, Османи рече дека веќе не е во комуникација бидејќи во тек е судски процес во државата по однос на нападот врз него.
-По реакцијата на Република Бугарија која што морам да кажам дека беше асиметрична по однос на тоа што се случи, обвинувајќи ја државата за системска дискриминација и системски напад, за мене беше многу важно да докажеме дека како држава не поддржуваме такви напади, особено кога се на етничка основа. И затоа беше мојата посета во Софија и да покажам внимание кон наш државјанин. Меѓутоа и да покажам пред ЕУ дека тоа не е политика на државата, и дека таквите напади не ги рефлектираат вредностите на нашите граѓани, вели Османи.
Тој изрази надеж дека брзо ќе се врати, оти, вели, никој не треба да се чувствува несигурен во државата поради какви било етнички, политички и идеолошки размислувања.
Министерот за правда Кренар Лога, вчера на првиот брифинг со новинарите откако е министер, изјави дека приоритет е Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но дека се размислува и за други потребни измени на Уставот во делот каде министерот за правда по функција е член на Судски совет, регулирање на вакумот со распуштање на Собранието, како и во делот со 20 проценти за јазикот.