Османи: „Северна Македонија и Албанија се многу повеќе од добри соседи“

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, кој престојува во официјална посета на Скопје.

На заедничката прес-конференција двајцата министри истакнаа дека евроинтеграциите биле една од главните теми на средбата.

„Северна Македонија и Албанија се многу повеќе од добри соседи. Ние сме пријателски земји со длабоки меѓусебни односи, со исклучително висока меѓусебна поддршка, партнери и сојузници што продолжуваат заедно кон нашите европски амбиции, да ги видиме нашите две земји како полноправни членки на ЕУ“, рече Османи.

Тој потсети дека двете земји постигнале 100-процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додавајќи дека ЕУ мора да го зајакне своето присуство во регионот и дека интеграцијата, исто така, е безбедносно прашање.

„Во современите предизвици на хибридни закани од надворешни влијанија, но и активна војна на европска територија, интеграцијата на Западен Балкан во Европа е прашање и на безбедносна политика“, рече Османи.

– „Двете наши земји покажаа огромна посветеност на патот кон ЕУ“

Министерот Хасани рече дека имал „одлична и конструктивна“ дискусија. Тој наведе дека надворешната политика на двете земји треба да ѝ служи на заедничката агенда за мирен, безбеден и стабилен регион, со поголемо приближување кон ЕУ.

„Двете наши земји покажаа огромна посветеност на патот кон ЕУ. И двете наши земји постигнаа импресивни резултати во реформите за модернизација и европеизација, а ние штотуку успешно го завршивме процесот на скрининг и со нетрпение очекуваме да ги преземеме понатамошните чекори во процесот за кој двете наши земји жртвуваа многу и во текот на кој се соочивме со тешки пречки и замрзнувања“, рече Хасани.

Тој истакна дека Албанија ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата во Северна Македонија, вклучително и годинашните изборни процеси.

„Посакуваме овој процес да помине добро, но, пред сѐ, посакуваме овој процес и неговиот резултат да не донесат никаква промена во посветеноста кон заедничката европска перспектива“, рече Хасани.

Тој ја поздрави „извонредната улога“ на албанскиот фактор за стабилноста на Северна Македонија, како и за одржување на евроатлантската ориентација на земјата.