Северна Македонија како земја претседавач со иницијативата „А5 САД-Јадранска повелба“ беше домаќин на неформалниот министерски состанок што се одржа во Скопје.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во изјавата за медиумите по завршувањето на неформалната средба, истакна дека „А5 САД-Јадранска повелба“ претставува најважна иницијатива за промоција на евроатлантските вредности во регионот.
Тој додаде дека специјален гостин на средбата бил министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, кој им се обратил на присутните преку видеојавување.
Шефот на дипломатијата Османи рече дека на средбата ја презентирал амбициозната цел за создавање нов стратешки концепт на иницијативата А5.
Османи рече дека по две децении постоење на иницијативата, геополитичките околности во регионот се значително променети, а А5 ја исполни првичната цел за која беше формирана, а тоа беше зачленување на земјите основачи во НАТО.
„Нашата цел е да ја прилагодиме А5 на актуелните состојби и да ја зајакнеме нејзината политичка улога во насока на полесно соочување со современите, регионалните и безбедносните предизвици“, рече Османи.
Тој истакна дека претставил предлози за зајакнување на координацијата и соработката на земјите членки на иницијативата, а најави и заедничка изјава од неформалниот министерски состанок, во која е вклучено и проширувањето на иницијативата со нови земји во регионот.
„Изразена е заедничка поддршка на политиката на отворени врати на иницијативата, односно проширување на А5 и со нови земји од регионот. Ова е особено важно за унапредување на инклузивноста, соработката и стабилноста во регионот. Ние како претседавачи, силно се залагаме Косово што поскоро да се приклучи на А5, чија апликација беше поднесена во 2012 година“, рече Османи.
Исто така, во заедничката декларација ќе се искаже силната поддршка на земјите членки за Украина и ќе биде осудена руската воена агресија.
Потсетуваме, иницијативата САД-Јадранска повелба е формирана во 2003 година под покровителство на САД и претставува уникатна платформа за развивање на регионалната соработка во областа на одбраната.
Покрај Северна Македонија, членки на Повелбата се и Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Србија, Словенија и Косово имаат статус на набљудувачи. Оваа година Северна Македонија го презеде претседавањето со иницијативата А5, во годината кога се одбележуваат две децении од нејзиното постоење.
Извор: ТРТ БАЛКАН