Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета на Брисел, при што ќе се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) и на инаугуративната Пленарна сесија 2023-2025 на Европскиот економски и социјален комитет, на дискусија за зајакнувањето на демократијата, европските вредности заедно со граѓанското општество во земјите кандидати за членство во ЕУ.
Како што соопшто МНР, на утрешната агенда на Османи ќе биде и дискусијата на тркалезна маса со известувачите во сенка и пријателите на Северна Македонија, Кристијан Сагарц, Илхан Ќучук, Марион Валсман, Тијс Ројтен, Масимо Касталдо, Влад Ботос, Андреа Шајдер и Ирена Јовева.
За време на престојот во Брисел, Османи ќе оствари средби со лидерите на најголемите пратенички групи во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез од групата на Социјалистите и демократите (СД) и Манфред Вебер од Европската народна партија (EПП).