– Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Макеоднија Бујар Османи ја продолжува посетата на земјите од Централна Азија (ЦА). После реализирањето на посетите на Узбекистан и Казахстан во август оваа година, Османи од утре ќе престојува во дводневна посета на Киргистан, а наредната недела се очекува да го посети и Туркменистан, соопшти МНР.
За време на престојот во Бишкек, Киргистан, предвидени се средби со претседателот Садир Џапаров, министерот за надворешни работи, Женбек Кулубаев и претседателот на Парламентот, Нурланбек Шакиев. Османи во Бишкек покрај средбата со претставници на Програмската канцеларија на ОБСЕ, ќе реализира и средби со граѓанските организации од Киргистан, како и со претставници на ЕУ.
Соработката на теренските мисии на ОБСЕ во земјите од ЦА е од големо значење за ублажување на последиците од воената агресија на Русија врз Украина и намалувањето на безбедносните ризици на Киргистан и на Централна Азија како целина. Исто така, регионот на ЦА е директно изложен на последиците од хуманитарната криза и севкупната ситуација во Авганистан. Рамката за акција на ОБСЕ им помага на земјите-учеснички од регионот како одговор на импликациите на ситуацијата во Авганистан во насока на ублажување на ризиците за стабилноста на ЦА, др наведува во соопштението од МНР.