Осмомартовска планинарска акција во Неготинско

– Осмомартовска планинарска акција се реализира денеска во Неготинско, во организација на планинарското спортско друштво „Фри хајкерс”.  Во осмомартовскиот марш учествуваа 25  припаднички  од понежниот пол, љубители на природата. 

– По повод 8 Март,  ,,Фри хајкерс” – жени,  организираше прошетка низ Дисанијата, позната по производството на квалитетно грозје, од кое се добиваат извонредни вина и ракии. Стартот на планинарската прошетка беше во девет часот од планинарскиот дом ,,Дедо Ило Јанчев”.  Стазата е наменета за сите, право на учество имаа сите коишто сакаа  да се прошетаат низ природата и на еден друг начин да го прослават празникот на жената, со што ќе го направат посебен и убав денот, информираа од планинарското спортско друштво. 

Оттаму нагласија дека идејата била  да се одбележи празникот на поинаков начин и да се истакне присуството на жената меѓу искусни планинари. 

– Уживавме во прекрасните предели и погледи. По успешно реализација на маршутата, можевме да уживаме во новореновираниот  планинарски дом “Дедо Ило Јанчев” и да уживаме во прекрасните вински ноти. Во знак на успешно реализирана акција, на најмладите учеснички им беше доделено признание, соопштија организаторите. 

Претходно, во ноември месец, во рамки на активностите со кои се слави младото вино, во Дисанијата се реализираше планинарскиот марш ,,По патеката на виното”. Во февруари, се реализираше треил трка за вино и љубов.