Висок функционер на Либералите (ФДП), една од трите владејачки партии во Германија, бара да се укине правилото за осумчасовен работен ден.
„Треба да го укинеме дневниот лимит за работа и да го поставиме само неделниот лимит“, изјави Лукас Келер за уредувачката мрежа Германија. „Затоа мораме да го модернизираме законот за работно време“, додаде тој.
Според Келер, осумчасовниот работен ден е „фосилизирана догма од времето кога стравот од експлоатација бил огромен“. Времињата се сменија, истакна тој.
„Законот за работно време потекнува од свет во кој немаше работа од дома. Ретко кој се придржува до оваа осумчасовна догма во текот на својот работен ден“, изјави заменик-шефот на пратеничката група на ФДП во Бундестагот.
Келер сугерираше дека првично се замисливи промени во секторите со силни колективни договори, како што се хемиската индустрија, пазарот на поштенски пакети и логистиката, пренесува Investor.
Ова е можно и во ИТ индустријата и други професионални полиња со опции за работа од дома. Промените можат, вели тој, да ја забрзаат трансформацијата на економијата.
Треба да се релаксираат и законски пропишаните паузи и одмори, рече либералот.
„Не треба повеќе да наметнуваме строги регулативи“, посочи тој, додавајќи дека многу луѓе веќе работат за време на паузата за ручек за да можат порано да си одат дома. Други подоцна, вели тој, навечер повторно седат пред компјутер за попладне да одат во парк со своите деца.
„Многу луѓе всушност го прекршуваат законот за работно време бидејќи тоа им го олеснува животот. Оваа флексибилност повеќе не треба да биде нелегална“, рече Келер.
Треба да се размислува, заклучи, и за ублажување на прописите за работното време во текот на седум дена, кое сега е максимум 48 часа.