Остеопорозата е болест која ги ослабува коските и го зголемува ризикот од фрактури. Раното препознавање и прилагодувањата на животниот стил можат да помогнат во превенцијата и лекувањето. Подолу, откријте осум клучни факти кои сите треба да ги знаеме за одржување на здравјето на коските и намалување на ризикот од фрактури.
1. Често се нарекува „тивка болест“
Остеопорозата се нарекува „тивка болест“ бидејќи напредува без симптоми додека не дојде до фрактура, вели физиотерапевтот Сем Бхиде. Болката најчесто доаѓа од фрактурата, а не од самата остеопороза. Фрактурите на ‘рбетот може да предизвикаат губење на висината и закривен рбет, објаснува медицинската сестра Кирсти Карне за Independent.
2. Остеопорозата е почеста кај жените
Жените имаат помали и потенки коски во споредба со мажите, истакнува Бхиде. Покрај тоа, естрогенот, кој ја штити густината на коските, постепено се намалува по менопаузата, што го забрзува губењето на коскената маса и ги прави жените повеќе склони кон оваа состојба. Бременоста и доењето, исто така, можат привремено да го осиромашат нивото на калциум, додава тој.
3. Фрактури при помали активности
Со остеопорозата, коските стануваат кршливи и лесно се кршат, дури и за време на помали активности како што се свиткување или движење на предмети, објаснува Карне.
4. Постојат многу фактори на ризик
Бхиде објаснува дека возраста, генетската предиспозиција, лошата исхрана (низок внес на калциум и витамин Д), пушењето и прекумерното консумирање алкохол ја намалуваат густината на коските и го зголемуваат ризикот од остеопороза.
5. Раната дијагноза е клучна
Раната дијагноза спречува скршеници, овозможува навремено лекување и го подобрува квалитетот на животот, објаснува Бхиде. Остеопорозата обично се открива со скенирање на коскената густина кај ризичните лица или по фрактура, истакнува Карне.
6. Здравиот начин на живот ги зајакнува коските
Разновидната исхрана богата со калциум и витамин Д и редовното вежбање овозможуваат здравје на коските. Избегнувањето на пушењето и ограничувањето на алкохолот дополнително го намалуваат ризикот, пишува Independent.
7. Вежбањето ги зајакнува коските
Вежбите како трчање или кревање тегови три до пет пати неделно помагаат во зајакнување на коските и намалување на ризикот од фрактури.
8. Остеопорозата не може да се излечи
Остеопорозата не може целосно да се излечи, истакнува Карне, но лековите како алендронат ефикасно ги зајакнуваат коските и го намалуваат ризикот од фрактури. За повеќето луѓе со остеопороза, ова значи дека ќе бидат на терапија неколку години, потоа можеби ќе одморат една или две години, а потоа повторно ќе започнат со терапија ако коските почнат да слабеат.