– Бројот на загинати како последица на силното невреме и поплавите што погодија делови од Грција, Турција и Бугарија денес се искачи на осум, откако спасувачките тимови пронајдоа уште едно тело.
Поплавите што ја зафатија Турција, во близина на границата со Бугарија, однесоа бунгалови во едно одморалиште.
Стотици домови и работни места во неколку населби во Истанбул, најголемиот град во Турција, исто така беа поплавени за време на вчерашното невреме.
Најмалку пет лица загинаа, три во кампот и две во Истанбул, соопштија властите. Спасувачите сѐ уште трагаат по три лица кои се водат за исчезнати.
Во Грција, рекордните врнежи предизвикаа најмалку еден смртен случај во близина на градот Волос, а пет лица се водат како исчезнати.
Властите го забранија сообраќајот во Волос, во подрачјето на планински регион Пелион и на островот Скијатос.
Во Бугарија невремето предизвика поплави на јужниот брег на Црното Море, во кои животите ги загубија две лица. Уште тројца се водат како исчезнати.
Објавени се видео-снимки на кои се гледа како автомобили и камперски комбиња се извлекуваат од морето во јужното летувалиште Царево.
Властите прогласија вонредна состојба во градот.