– Германија и Шведска соопштија дека уапсени се осум лица осомничени дека извршиле злосторства против човештвото во име на режимот на Башар ал Асад за време на граѓанската војна во Сирија.
Петмина од нив се приведени во Германија, а останатите во Шведска, во рамки на заедничка операција. Четворица од уапсените се Палестинци без државјанство, а последниот е поранешен сириски разузнавач.
Според соопштението на германското федерално обвинителство, постојат „силни сомневања за убиства или обид за убиство на цивили како злосторства против човештвото и воени злосторства“ извршени за време на граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година со задушување на антивладините демонстрации.
Лицата уапсени во Шведска се „осомничени дека извршиле злосторство против човештвото во Сирија во 2012 година“, се вели во соопштението на шведското обвинителство.
Меѓу осомничените уапсени во Германија има четворица лица без државјанство со палестинско потекло, членови на вооружена милиција која вршела контрола над населбата Јармук во Дамаск „во име на сирискиот режим“, соопшти обвинителството.
„Сите обвинети учествуваа во насилното задушување на мирните демонстрации против сириската влада на 13 јули 2012 година во Јармук“, додаде истиот извор, истакнувајќи дека тие „пукале врз демонстрантите“.