Отворена истрага за апсењето на Илир Мета

Народниот правобранител на Албанија поведе административна истрага за случајот со апсењето на екс претседателот на Албанија – Илир Мета.

– Оваа управна истрага се однесува на постапувањето на Државната полиција за тоа како е извршен налогот на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција. Истрагата ја започнаа главно инспекторите на Народниот правобранител без да чекаат да добијат официјална жалба од Илир Мета или неговите адвокати, објави „Ора њуз“.

Случајот го истражуваат тројца инспектори на правобранителството кои го презеле видеото на кое се гледа моментот на апсењето на Мета од страна на оперативците и припадниците на специјалната единица „РЕНЕА“.

Мета беше уапсен на 21 месецов на влезот во Тирана, на враќање од Косово, под обвинение за корупција, перење пари и прикривање имот. На обвинувањата од опозицијата за „употреба на прекумерна сила при апсењето“ Министерството за внатрешни работи објави дека припадниците на полицијата му рекле да излезе од автомобилот, но тој одбил, агресивно се однесувал и упатувал навреди кон службениците лица.