Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 44-годишник, на 31. март, во казино на булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов‘ во Скопје со умисла лишил од живот едно лице. Осомничениот, жртвата и уште две лица заедно дошле во казиното и играле на покер апаратите. Помеѓу осомничениот и оштетениот дошло до вербална расправија и започнале да се туркаат, по што осомничениот успеал да го земе пиштолот што оштетениот го носел во појасот и пукал неколку пати во него. Потоа повеќе пати со рачката од пиштолот го удрил оштетениот во пределот на главата и избегал“, информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
„Бидејќи тој во моментот е недостапен на органите на прогонот, доколку биде прифатен предлогот на обвинителот, мерката ќе започне да се извршува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, се наведува во соопштението.