– Хирургот кој двапати го оперираше папата Франциско е под истрага, соопштија од римската болница „Џемели“, по извештајот во медиумите дека против него е покрената постапка поради фалсификување документи.
Серџо Алфиери, кој го оперираше папата во јуни оваа година, како и во 2021 година, повеќе пати се потпишал во регистарот на присустни во салата за операции кога не бил таму, а понекогаш наведувал дека работел во две различни простории во исто време, објави италијанскиот весник „Стампа“. Така си ги наплатил износите кои не му припаѓале, пишува весникот.
„Повикувајќи се на информациите од печатот во врска со истрагата на обвинителот во Рим“, болницата „Џемели“, позната како Папска болница во Рим, „ја изразува својата доверба во правосудството кое ја спроведува истрагата и на кое ќе му обезбеди најголема можна соработка со цел да се разјасни секој аспект“, соопштено е денеска.
Болницата соопшти дека „изразува најголема доверба во работата на Серџо Алфиери и неговите непобитни професионални и човечки квалитети“ и дека има „многубројни неточности“ во написот во весникот, но не прецизираа за кои неточности станува збор.
Засега нема коментар ниту од обвинителството ниту од Ватикан. Карло Бонзано, адвокатот на хирургот, изјави дека „сигурно е дека (Алфиери) секогаш работел во целосна согласност со правилата“, пренесоа агенциите.
„Не знаеме ништо за оваа афера освен тоа што го дознавме од медиумите. Никогаш не сме добиле никакво мислење од обвинителството“, увери адвокатот.