Во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, вчера свечено е отворен Музејот „Животот во Сараево под опсада 1992-1995“, токму на 31-годишнината од почетокот на најдолгата опсада на еден главен град во модерната историја на војувањето, јави ТРТ Балкан.
На свеченото отворање на Музејот присуствуваа градоначалничката на Сараево Бењамина Кариќ, директорката на Босанските музеи на сеќавање Мериса Топаловиќ, семејствата на жртвите и други граѓани на Сараево.
Градоначалничката Кариќ изјави дека поради неколку причини е многу важно што Сараево доби ваков музеј.
„Конечно, во нашето Сараево имаме Музеј на Сараево под опсада. Ова е исклучително важен проект и сакам да упатам честитки до институцијата „Босански музеи на сеќавање“, за овој одличен проект. Ова е важно за градот Сараево за сите млади генерации кои доаѓаат затоа што знаеме дека единствено со вистината можеме да се бориме за подобра иднина“, рече Кариќ и изрази благодарност до сите кои учествуваа во изградбата на музејот.
„Емоциите се измешани. Од една страна тага, тешка емоција и присетување на сето она што граѓаните и граѓанките на Сараево го поминале во текот на опсадата, но, од друга страна, радост дека младите генерации и туристите кои доаѓаат во овој град, ќе можат да дојдат тука, да ја погледнат поставката која е одлична и да видат како опстанале граѓаните и граѓанките на Сараево. Денес од ова место сакаме да испратиме порака дека треба да се сеќаваме и да водиме сметка за сите моменти од нашето минато и единствено така можеме да градиме подобра и попросперитетна иднина. Градот Сараево ќе даде придонес и поддршка на Музејот“, рече сараевската градоначалничка.
Стотици различни приказни и предмети
Директорката на установата Босански музеи на сеќавање, Топаловиќ, истакна дека во Музејот на Сараево под опсада се наоѓаат стотици различни приказни и предмети кои потсетуваат на периодот на опсадата на Сараево.
„Токму на денот на годишнината на опсадата на Сараево, го отвораме музејот кој говори за животот во градот под опсада. Во музејот се наоѓаат стотици приказни и предмети. Имавме намера да покажеме што преживеаа луѓето во Сараево во текот на опсадата“, рече Топаловиќ и истакна дека е многу важно што постои ваков музеј, како придонес кон културата на сеќавањето.
Сафија Фазлагиќ, која го загубила мажот во текот на опсадата на Сараево, истакна дека никогаш не треба да се заборави она што се случило во текот на војната во Сараево и во Босна и Херцеговина.
„Многи животи се дадени за оваа држава, меѓу нив и мојот сопруг Фазлагиќ Адем. Многу млади загинаа, мои пријатели, роднини, деца, но не треба да се заборави никогаш ова зло и никој тоа повеќе да не го доживее“, рече таа.
Осман Терзиќ, кој исто така бил во Сараево во текот на опсадата на градот, истакнува дека од огромна важност е да се документира сето она што се случувало во текот на агресијата на Босна и Херцеговина.
„Сметам дека ова е исклучително важен настан, да се документира, да се соберат детали, бидејќи за жал нашето сеќавање многу бргу бледнее, кратко трае. Драго ми е што тие зрнца на сеќавање се собираат на едно место, да не дојдеме еден ден во состојба да ни се каже дека тоа всушност не се случило. Многу е важно тоа на едно место да се документира како доказ на едно тешко време низ кое поминавме“, истакна Терзиќ.
Опсадата на Сараево
Опсадата на Сараево почна на 5 април 1992 година, а заврши на 29 февруари во 1996 година. Траеше 1.425 дена. За тоа време, околу 350.000 жители беа изложени на секојдневен оган од припадниците на некогашната ЈНА и паравоените формации, подоцна и припадниците на тогашната Војска на Република Српска, од речиси сите видови вооружувања, од положбите сместени на околните ридови.
Не успеале да се симнат и да го заземат градот само благодарејќи на огромната волја, желба и напорите на бранителите, во најголем дел граѓани кои се одзваа на повикот за одбрана и во почетокот речиси со голи раце, во патики и фармерки, со минимално вооружување, застанаа на браникот на градот.
Во текот на опсадата загинаа 11.541 граѓанин на Сараево, меѓу нив 1.601 дете. Според повоените истражувања, највеќе жители, скоро четири петтини од вкупната бројка загинати, страдаа во првите две години од војната.
Првите цивилни жртви на опсадата на Сараево се Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ убиени на 5 април на мостот Врбања, недалеку од зградата на тогашното Собрание на Социјалистичката Република Босна и Херцеговина пред која се одвиваа демонстрации на граѓаните кои бараа зачувување на мирот, на кои е отворен оган.
Некогашниот мост Врбања денес го носи името по двете храбри жени, а плочата на неговата средина, свртена кон истокот, од каде секој ден се укажува со изгревањето на првите сончеви зраци, потсетува и ги предупредува намерните и случајните минувачи на тешкото минато на градот.