Прв центар за поддршка и советување на момчиња и мажи беше отворен денеска во рамки на просториите на Младинскиот центар „Сакам да знам“.
Весна Матевска, програмска координаторка во ХЕРА, на прес-конференцијата на отворањето изјави дека центарот од денеска нуди бесплатни советувања и поддршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи.
– Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали. Центарот ќе биде отворен за услуги вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. Термините треба да се закажат на телефонскиот број 070/299- 026, на електронската пошта [email protected] или на Instagram @man.mind skopje, појасни Матевска.
Според ХЕРА, центарот за советување и поддршка на момчиња и мажи е потребен затоа што родовата еднаквост се однесува поедеднакво на сите полови.
– Овој центар ќе овозможи безбедна и пријатна средина во која момчињата и мажите отворено ќе зборуваат за своите потреби и ќе побараат поддршка без некој притоа да ги етикетира. Тие сега ќе имаат свое место во кое отворено ќе може да побараат решение за предизвици и во кое ќе може момчињата да добијат поддршка за емоционален раст и развој, дополни таа.
Матевска посочи неколку истражувања кои покажуваат дека младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје, мажите се најголем дел од жртвите на насилни злосторства и дека мажите имаат поголеми изгледи за самоубиство.
Терапевтите ќе работат по моделот на Австриското Здружение за машки и родови прашања Стирија од Грац, Австрија, а со финансиска поддршка од австриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
На отварањето се обрати Кирил Тројачанец кој е психолог и експерт за стрес, и укажа дека општествените очекувања ги притискаат момчињата од најмала возраст да не ги покажуваат своите емоции, што е причина за постојан стрес и ранливо ментално здравје. Тројачанец упати директна порака до момчињата дека молкот не е одговор кога се соочуваат со врсничко насилство.
Ленче Алексовска Величковска – спортски психолог, истакна дека очекувањата што тренерите, соиграчите и навивачите ги поставуваат врз спортистите од една страна може да послужат како мотивирачка сила, поттикнувајќи ги да го постигнат најдоброто од себе, меѓутоа, кога очекувањата се преголеми, тие доведуваат до зголемен стрес и анксиозност и насилно однесување.