Со кого си, таков си !
– Не прашувајте ме како знам. А, добро знам дека мојата гардероба е поделена на три дела: гардероба за во Македонија, гардероба за во Грција и гардероба за Лукас
Згодната водителка од телевизија „Канал 5“, Јелена Спенџарска, повторно ја „вознемирува“ нацијата, но, за разлика од политичарите, таа секогаш е тука за да ја спушти топката и доколку може, веднаш да ги помири оние што прават кавги меѓу народите. Пред извесен период, таа се вљуби во Гркот Лукас, па целото свое слободно време го минува кај него, во Солун. А, бидејќи летото е премногу жешко, вљубената двојка го замени градскиот асфалт со прекрасните грчки морски плажи, што е и разбирливо.
Откако е со згодниот Грк, нема таков во Македонија што не забележал дека Спенџарска почнува да наликува во сè на вистинска Гркинка. Освен што го научи грчкиот јазик, таа сега успешно го копира грчкиот начин на живеење, пред сè во начинот на облекување, а потоа и во начинот на комуникација, бидејќи Гркинките, како жителки на Медитеранот, неофицијално важат за многу гласни, бучни жени или, што би се рекло, важат за „галамџики“. Дури се поубедливи од Италијанките на Сицилија или од наши поранешни Далматинки.
Гркинките се „посебни“ во тоа, но имаат и доста сличности со нашите жени, пред сè од оној дел на Македонија што е географски најблиску до границата со Грција.
Затоа и не треба да чуди што една обожавателка откај нас ѝ напиша необичен коментар на Спенџарска: „Јецо, веќе си права Гркинка со стилот, па не можев да одолеам, а да не ти пишам“.
Јелена не остана рамнодушна, па ѝ возврати воодушевено. – Еве зошто ми се допаѓа овој коментар. Затоа што жените тука навистина имаат специфичен стил. Некако облеката им е лежерна и удобна, впечатлива, а обожаваат и накит. Не прашувајте ме како знам. А, добро знам дека мојата гардероба е поделена на три дела: гардероба за во Македонија, гардероба за во Грција и гардероба за Лукас – одговори една од поуспешните водителки на телевизија „Канал 5“.
–
И ете, штом е така, ајде баш да видиме каква ќе ѝ биде гардеробата на Јелена, пред сè за на плажа, по овие жештини, кога ќе се облече (или соблече?) за саканиот Грк Лукас.