Откриено најголемото наоѓалиште на злато во светот: 76 милијарди евра

Кина објави дека го открила најголемото познато наоѓалиште на злато во светот, чија вредност се проценува на повеќе од 76 милијарди евра.

Депозит во рудникот за злато Вангу, кој се наоѓа во централна Кина, би можел да содржи повеќе од 1.000 тони злато, објавија кинеските државни медиуми, повикувајќи се на Геолошкиот институт во провинцијата Хунан, пишува Индепендент.

Според институтот, 40 златни вени – долги и тесни пукнатини во карпи исполнети со метал – биле откриени на длабочина од околу 1.600 метри во округот Пингјанг, провинцијата Хунан.

Само овие вени би можеле да содржат околу 300 тони злато, а подлабоките слоеви би можеле да сокријат уште поголеми резерви, тврдат геолозите, пренесува Тпортал.

„Многу од карпите кои беа земени како примерок покажаа видливи траги од злато“, вели Чен Рулин, геолог и истражувач од Геолошкиот институт.

Истражувачкото дупчење на работ на наоѓалиштето откри дополнителни резерви на злато, што сугерира дека може да биде дури и поголемо од првично проценето.

Севкупно, оваа област би можела да содржи повеќе од 1.000 метрички тони злато, што, според сегашните пазарни цени, би вредело повеќе од 600 милијарди јуани или околу 78 милијарди евра.