Откриен е нов начин на лекување на рак на грлото на матката

Лекарите го фалат новиот начин за лекување на рак на грлото на матката кој го намалува ризикот од смрт за 40 отсто, што е најголем напредок во борбата против оваа болест во последните 25 години.

Ракот на грлото на матката е четвртиот најчест карцином кај жените ширум светот, со околу 660.000 нови случаи и 350.000 смртни случаи секоја година, според Светската здравствена организација.

Секоја година во Велика Британија има околу 3.200 случаи и 800 смртни случаи. Многу пациенти се во своите 30-ти години, а и покрај подобрувањата во грижата, ракот се враќа во дури 30 проценти од случаите, пишува The Guardian.

Новиот план за лекување е тестиран на пациенти повеќе од десет години од Обединетото Кралство, Мексико, Индија, Италија и Бразил.

Тоа вклучува краток циклус на хемотерапија пред пациентите да се подложат на хеморадијација, стандарден третман за рак на грлото на матката што вклучува комбинација на хемотерапија и радиотерапија.

Истражувањето било спроведено на 500 заболени жени од повеќе земји во период од десет години, кај кои ракот не се проширил на други органи.

Новиот режим на третман вклучува кратка индукциона хемотерапија во траење од шест недели, по што пациентите се подложуваат на радиотерапија и т.н. хеморадиотерапија на неделна основа.

Контролната група прими само стандардна хемотерапија во текот на студијата.

Студијата спроведена од Универзитетскиот колеџ во Лондон објави дека резултатите од третата фаза на клиничкото испитување покажале намалување на ризикот од смрт од оваа болест за 40 проценти и намалување на ризикот од повторување на ракот во рок од најмалку пет години. Нивните наоди беа објавени во списанието Lancet.

Д-р Мери Мекормак, водечки истражувач на испитувањето во UCL, изјави за Гардијан дека откритието е најзначајниот напредок во третманот на ракот на грлото на матката од крајот на минатиот век.

„Ова е најголемо подобрување во преживувањето од воведувањето на хеморадијацијата во 1999 година. Секое подобрување на преживувањето за пациентите со рак е важно, особено кога третманот добро се поднесува и се дава релативно кратко време, дозволувајќи им на жените да се вратат во нивниот нормален живот релативно брзо“.