Метанот, стакленички гас што ја задржува топлината, е веројатно најпознат по своите опасности за луѓето и атмосферата на Земјата. Но, во темните длабочини на океанот е хранлив оброк за некои од најмистериозните суштества во светот.
Имено, научниците тврдат дека пронашле три претходно непознати видови пајаци покрај западниот брег на Соединетите Американски Држави. Овие видови се хранат со метан кој се влева неколку илјади метри под површината на морето.
Како што е утврдено во истражувањето, чии резултати беа објавени во научното списание „Зборник на трудови на Националната академија на науките“, бактериите се наоѓаат во егзоскелетот на овие пајаци, додека микробите за возврат го претвораат метанот, инаку богат со јаглерод, и кислородот во шеќери што пајаците можат да ги јадат.
„Исто како што би јаделе јајца за појадок, морските пајаци ја гребат површината на своите тела и ги јадат сите овие бактерии за исхрана“, вели Шана Гофриди, водечки истражувач на студијата и професор по биологија на колеџот Оксидентал во Лос Анџелес.
Таа нагласи дека овој вид исхрана никогаш порано не е забележан кај морските пајаци. Всушност, како што објасни Гофриди, другите видови морски пајаци имаат повеќе заедничко со нивните копнени роднини, користејќи големи цевчести заби за да фатат, онеспособат и цицаат течности од мек плен, како што се медузите.
Сепак, на новооткриените видови морски пајаци им недостасува она што им е потребно за да фатат плен, па затоа се хранат со метан од сопствените тела. Гофриди истакна дека е можно овие пајаци да играат клучна улога во спречувањето на метанот да стигне до Земјината атмосфера. Вреди да се потсетиме дека метанот е една од причините за глобалното затоплување, пишува CNN .