Долгата истрага за мистериозната смрт на француското мало дете Емил Солеј во 2023 година доби изненадувачки пресврт кога полицијата ги уапси бабата и дедото на момчето под сомнение за убиство.
Смртта на Солеј, кој имаше две и пол години кога исчезна во француско алпско село во јули 2023 година, останува необјаснета до ден-денес.
Имено, девет месеци по неговото исчезнување, случаен минувач му ги пронашол черепот и забите.
Обвинителите тогаш изјавија дека причината за неговата смрт, која ја шокираше земјата, можела да биде „пад или убиство“. Полицијата подоцна пронашла уште коски и парчиња облека на момчето.
Емил бил во викендицата на неговите баба и дедо во малото селце Ле О-Верне кога исчезнал. Соседите последен пат го виделе како шета сам по улица во Ле Вернеу, на француските Алпи.
Во моментот на неговото исчезнување, неговите родители биле отсутни.
Некои медиуми се фокусираа на улогата на дедото на момчето, кој беше под истрага во 1990-тите за наводно насилство и сексуален напад во приватно училиште, но полицијата ја сметаше неговата вмешаност само една од многуте можни теории за објаснување на смртта на момчето.
Во вторникот наутро, дедото Филип Ведовини и неговата сопруга беа уапсени под сомнение за убиство, изјави главниот обвинител на Екс-ан-Прованс, Жан-Лук Блашон за агенцијата Франс прес.
Адвокатот на уапсениот пар, Изабел Колумбани, контактирана од АФП, рече дека нема коментар бидејќи „само слушнала“ за случувањата. Други двајца членови на семејството се уапсени, соопшти обвинителството.
Нивниот идентитет не е откриен, пишува The Guardian.
Апсењата се резултат на утврдување на факти „во текот на изминатите месеци“, им рече обвинителот на новинарите, додавајќи дека форензичката полиција истражува „неколку локации во областа“.
Панихида за малиот се одржа во февруари годинава во присуство на неколку стотици ожалостени. Неколку часа по церемонијата, бабите и дедовците објавија изјава во која велат дека треба да знаат што точно се случило.