Оттука Александар Македонски тргна да го освојува светот: Повторно се отвори палатата стара 23 века (фото)
Најголемата зграда во Античка Грција – палатата каде Александар Македонски бил прогласен за крал и од каде тргнал да го освојува светот – е повторно отворена по цели 16 години реставрација. Реставрацијата на палатата во Аега, еден од најважните споменици на антиката, чинеше повеќе од 20 милиони евра, а беше извршена со помош на Европската унија.

Изградбата на палатата, која имала површина од 15.000 квадратни метри, започнала во средината на 4 век п.н.е., а била завршена во 336 година п.н.е., пред нешто повеќе од 23 века.
„Јас, владетелот и мојот народ постоиме заедно во оваа зграда, палатата во Аега“, рекол македонскиот крал Филип Втори во натписот поставен за време на изградбата во античката македонска престолнина.
Иако токму тој ја префрлил престолнината од Аега, на местото на денешна Вергина, во Пела, тој не ја напуштил античката престолнина. Многумина веруваат дека овој владетел не штедел пари и материјали за да изгради зграда со таква геометрија и елеганција со најновите технолошки достигнувања од таа ера, како водовод од планински извори и канализација.
Изградбата била завршена навреме за свадбената прослава на неговата ќерка Клеопатра, кога бил убиен од извесен Павзанија. Убиецот веднаш бил фатен и убиен, а се зборувало дека зад тоа стојат Олимпија, жената која Филип ја отфрлил и нивниот син Александар. И покрај овие сомнежи, Александар бил прогласен за крал во палатата и оттаму тргнал да го освојува светот, поход за кој многумина со векови го сметаат за еден од најголемите војсководци во историјата.

Кои се Филип и Александар?
Филип II Македонски бил крал на Македонија од 359 до 336 п.н.е. За време на неговото владеење тој значително ја зајакна таа земја, спроведе значајни воени реформи и создаде моќна македонска фаланга. Ги поразил Атињаните и многу грчки држави и воспоставил доминација на Македонија.
Александар III Македонски или Александар Македонски владеел од 336 до 323 п.н.е. Во својот поход, тој ја освоил Персиската империја, а потоа ги продолжил освојувањата сè до Индија. Империјата што тој ја создаде е една од најголемите во историјата, а неговото владеење целосно го трансформираше светот во тоа време. Со него се смета дека започнува хеленистичката ера, која траела до римското освојување на Египет во 3 п.н.е.
Палатата беше повторно отворена на церемонија во петокот, а на церемонијата присуствуваше и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис
– По долги години напорна работа, можеме да ја откриеме палатата. Ова е споменик од светско значење – рече Мицотакис.

Палатата и блиските гробници на Филип и другите македонски кралеви се на листата на светско наследство на УНЕСКО. Тој археолошки комплекс е откриен во 1977 година од грчкиот археолог Манолис Андроникос. Ангелики Котарди се приклучи на проектот како студент по археологија и му го посвети целиот работен век, водејќи го процесот на реставрација и отворањето на нов музеј.