ОФИЦИЈАЛНО – Доналд Трамп е обвинет за сексуална злоупотреба! Федералниот суд во Менхетен донесе одлука: Поранешниот претседател на САД е виновен

Федералниот суд во Менхетен, Њујорк, денес го прогласи поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, виновен односно одговорен за сексуален напад и клевета врз писателката Елизабет Џин Керол.

Според пресудата, Доналд Трамп вкупно ќе треба да плати околу пет милиони долари отштета.

Судот прво го прогласи за виновен во граѓанската тужба што  Елизабет Џин Керол ја покрена против него за сексуален напад. Пред судот беше кажано дека  Елизабет Џин Керол не докажала силување, туку дека Доналд Трамп извршил сексуална злоупотреба. Федералниот суд на Менхетен заклучи дека Доналд Трамп треба да плати околу два милиони долари отштета.

Доналд Трамп подоцна беше прогласен за виновен за клевета и треба да плати речиси три милиони долари отштета.

Судот од шест мажи и три жени помина нешто повеќе од два и пол часа разгледувајќи ги наводите на Елизабет Џин Керол дека поранешниот претседател Доналд Трамп ја силувал во соблекувална за долна облека, а потоа ја клеветил во објава на социјалните мрежи минатиот октомври дека таа наводно го измислила случајот.

Елизабет Џин Керол тврдеше дека Доналд Трамп ја силувал во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“ во пролетта 1996 година, а потоа дека ја клеветил кога го негирал нејзиното тврдење, велејќи дека таа не е негов тип на жена и дека ја измислила приказната за да ја зголеми продажбата на нејзината книга.

Доналд Трамп, кој ги негираше обвинувањата, не се бранеше и на крајот одлучи да не сведочи. Како и секој обвинет во граѓанска постапка, од него не се бараше да се појави на суд или на која било друга постапка и има право да не сведочи во своја одбрана.

Елизабет Џин Керол ја поднела тужбата во ноември минатата година според државниот закон кој ја отвори можноста за судења за сексуален напад со одамна истечен статут на застареност.

CNN потсетува дека ова не е кривично судење. Во граѓанската тужба, судот треба само да утврди дали правниот тим на тужителот докажал дека Доналд Трамп извршил сексуално насилство врз Елизабет Џин Керол.