Очекуваат да се приклучат на БРИКС оваа година: „Веќе се чувствуваме дел од организацијата“

Венецуела очекува да се приклучи на групата земји БРИКС веќе оваа година и веќе се смета за дел од таа организација, изјави денеска министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Хил Пинто.

„Венецуела се чувствува дел од БРИКС и работи на тоа наскоро да стане полноправна членка“, рече Пинто на прес-конференција во Каракас, што венецуелската влада ја организираше заедно со руската амбасада, пренесува ТАСС.

Тој додаде дека БРИКС, како што рече, „е немилитаристички и неагресивен и не ја наметнува својата волја на другите“.

Пинто го окарактеризира БРИКС како „праведна, взаемно комплементарна“ група и корисен сојуз, што и треба на Венецуела.

БРИКС е основан во 2006 година и оттогаш двапати е проширен, а моментално има 10 членови. Во 2011 година, Јужна Африка им се придружи на земјите основачи Бразил, Русија, Индија и Кина.

Шест земји – Аргентина, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – добија покана да се приклучат на БРИКС минатата година, но Буенос Аирес подоцна објави дека тие нема да станат дел од групата.