Оштетени објекти во Русија и Украина во меѓусебни напади со беспилотни летала и ракети

– Повеќе објекти се оштетени во Русија и во Украина во меѓусебните напади со беспилотни летала и ракети во текот на изминатара ноќ, соопштија властите во Москва и во Киев.

– Пожар избувна во нафтената рафинерија Волгоград откако беше соборен дрон, изјави гувернерот на тој руски регион Андреј Бочаров во објава на Телеграм. Тој рече дека пожарот бил брзо локализиран и дека нема жртви или повредени. Руското Министерство за одбрана соопшти дека биле соборени седум дронови, пренесува ДПА.

Четири воздушни објекти биле пресретнати над југозападниот руски регион Белгород и еден над регионот Ростов на Дон на југ. Двата руски региона граничат со Украина. Уште два дрона се соборени над регионот на Волгоград, соопшти руската армија. Нема информации за евентуална штета.

Власите во Киев, пак, соопштија дека Украина се соочила со ноќни напади со 14 беспилотни летала и две руски крстосувачки ракети „Овод“, познати во НАТО како „Кингболт“. Како и претходната ноќ, главна цел на нападите биле енергетски објекти во индустрискиот регион Дњепропетровск.

Украинската армија информира дека биле пресретнати девет дронови. Воениот гувернер Серхиј Лисак исто така пријави два пожара. Речиси 15.000 луѓе се без струја во регионот Дњепропетровск. Некои линии од јавниот градски превоз се откажани, а делови од градо се без вода.