По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против осум лица за продолжени кривични дела – Криумчарење, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Компјутерски фалсификат и Фалсификување исправи.
Уште 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела кои се гонат во скратена постапка. Меѓу осомничените се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР.
Во текот на претходната постапка обезбедени се докази дека во текот на 2021 и 2022 година, осомничените организирале и учествувале во пренесување на патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока во вкупна вредност од големи размери, употребувале лажни јавни исправи како вистинити за да ги регистрираат автомобилите, по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело.
Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.
Со цел да се прикријат трагите, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период, по што трајно ги оттуѓувале на физички и правни лица во државава. Во текот на постапката обезбедени се докази за внес и препродажба на 14 вакви автомобили и еден мотор, со вкупна првично проценета вредност од над 500.000 евра.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор за осум осомничени за кои ќе се води истрага, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.
До овој момент од слобода се лишени вкупно 18 лица, додека по 2 се уште се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство.