– Високиот суд во Исламабад денеска му одобри кауција на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кој беше обвинет во случај за корупција.
Кан поднесе барање за кауција откако надзорникот за борба против корупцијата, Националното биро за одговорност (NAB), подигна случај за корупција против него.
Локалните медиуми јавуваат дека судот одобрил кауција, со која актуелниот опозициски лидер Кан ќе биде ослободен од двенеделниот притвор.
Кан беше приведен во вторникот, што предизвика бран насилни протести низ Пакистан. Актуелниот премиер на Пакистан, Шехбаз Шариф, денес одржа вонреден владин состанок на кој разговараше за актуелната криза во таа земја.
Шариф ја обвини пакистанската партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) предводена од Кан за актуелната криза.
Врховниот суд на Пакистан вчера го прогласи апсењето на Кан за незаконско и нареди негово ослободување. Сепак, на Кан му беше наредено да се појави во Исламабад денес пред Високиот суд, кој ја разгледува неговата молба за кауција во случајот во кој е обвинет заедно со неговата сопруга Бушра Биби.
Стравувајќи од повторно апсење на Кан, неговата партија ПТИ ги повика приврзаниците да продолжат со протестот.