Палевски тврди дека доказите на Обвинителството се фалсификат

Љупчо Палевски откако негираше вина за убиствата на Вања и Панче, денеска во својот исказ тврди дека е обвинет со фалсификувани докази.

Снимките од домот на Велибор Манев за кои обвинителство тврди дека се гледа подготовката за киднапирање на велешкиот пензионер, според Палевски биле монтирани, а се манипулирало и со времето кое се гледа на нив. За убиството на Панче, прстот го впери кон Велибор бидејќи во домот на убиенот велешанец постоеле документи кои откриле дека цели 10 години траеле нивните недоразбирања.

„Во исто време не може обвинет кој го потврдува самото видео дека е точно од обвинителството, а од друга страна вика дека не бил на камерите како што се гледа кај Велибор Манев дома, туку бил на паркингот. Тие се работите кои сакаме да ги докажеме дека не се точни изјавите или не е точно она што го презентира обвинителството“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат на Љупчо Палевски.

За 27 ноември, денот на грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска, Палевски раскажа дека станал по 8 часот и 30 минути а околу 10 часот отишол во банка, инаку според обвинението во овој период веќе е завршено грабнувањето и убиството. Следно рочиште е закажано за на 28 април кога Палевски ќе продолжи со давање исказ а и ќе одговара на прашања на обвинителството.