Палестинците ги напуштаат своите домови по интензивираните израелски напади на северот на Газа

Палестинците во Бејт Лахија и други градови во северниот дел на Појасот Газа повторно ги напуштаат своите домови по интензивните израелски воздушни напади врз областа.

Повеќе од 100 Палестинци беа убиени во неколку напади извршени од израелската армија во северна Газа во раните утрински часови во петокот.

Медицински извори изјавија дека израелската армија извршила ужасни масакри насочени кон цивили.

Пријавени се повеќе жртви кога израелската армија гаѓаше амбулантно возило во градот Џабалија, во северниот дел на Газа, што е најновиот во низата напади врз медицински персонал и здравствени установи.

„Од раниот петок, спасувачките екипи извлекоа 50 тела од урнатините по израелските воздушни напади врз 11 станбени згради во северна Газа“, изјави портпаролот на Цивилната одбрана на Газа, Махмуд Басал.

Тој додаде дека повеќе од 50 луѓе се уште се заробени под урнатините.

Тој предупреди дека вистинскиот број на жртви е веројатно значително поголем, бидејќи спасувачките екипи не беа во можност да стигнат до многу области поради постојаното бомбардирање низ Појасот Газа.

Басал додаде дека израелските сили ги таргетирале густо населените станбени области, како и медицинските работници кои се обидувале да ги спасат ранетите и да ги извлечат телата по нападот.

„Тела сè уште лежат на улиците на Беит Лахија, Џабалија, бегалскиот камп Џабалија и Беит Ханун“, рече тој.

Израелската војска спроведува брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, за време на која досега се убиени повеќе од 53.000 Палестинци, претежно жени и деца.

Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење минатиот ноември по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.