Палчо наскоро ќе биде предаден на македонските власти! Турција постави рок за екстрадиција на убиецот на Вања Ѓорчевска: Министерот за правда соопшти детали

Министерот за правда Кренар Лога изјави дека Турција одредила рок за екстрадиција на Љупчо Палевски – Палчо, осомничен дека е организатор и извршител на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Тој не сакаше јавно да го каже рокот, но посочи дека очекува тој да биде наскоро.

„За време на нашата официјална посета на Турција ни беше кажано дека судскиот дел е завршен, а административниот дел останува. Според нивните правила, тој мора да биде потпишан од нивното МВР, потоа од министерот за правда. Очекувам тоа да се случи наскоро. Ни дадоа рок, но не сакам да кажувам такви детали, бидејќи тоа зависи од нив, а не од нас“, изјави Лога.

Истовремено, тој додаде дека одржува комуникација со турските власти. Тој посочи дека и на Манифестацијата „60 години Уставен суд“ се сретнал со тамошни претставници.

„Нема друга комуникација, сите поштенски пакети се затворени навреме. Комуницираме неофицијално и побаравме информација кога ќе биде испораката“, додаде Лога.