Контроверзен проект за создавање на градежните блокови на човечкиот живот од нула е започнат, за кој се верува дека е прв од ваков вид во светот, јавува Би-Би-Си.
Научниците досега ја избегнуваа оваа област поради страв дека тоа би можело да доведе до создавање „дизајнерски бебиња“ или непредвидливи промени што би можеле да влијаат на идните генерации, според Би-Би-Си .
Сега најголемата медицинска компанија во светот, „Велком Траст“, инвестираше почетни 10 милиони фунти во проектот и рече дека истражувањето би можело да направи повеќе добро отколку штета, забрзувајќи го развојот на терапии за многу неизлечиви болести.
Д-р Џулијан Сејл од Лабораторијата за молекуларна биологија на Британскиот совет за медицински истражувања (MRC) во Кембриџ, кој учествува во проектот, за Би-Би-Си изјави дека ова е следниот голем чекор во биологијата.
„Нема граници. Развиваме терапии што ќе им овозможат на луѓето да стареат поздраво, со помалку болести“, рече тој.
„Науката може да се користи и за да се предизвика штета“
„Планираме да ја користиме оваа технологија за да создадеме клетки отпорни на болести кои би можеле да ги регенерираат оштетените органи, како што се црниот дроб, срцето, па дури и имунолошкиот систем“, рече тој.
Критичарите предупредуваат дека истражувањето би можело да им отвори врата на неетички научници кои сакаат да создадат генетски модифицирани или подобрени луѓе.
„Сакаме да мислиме дека сите научници се водени од желбата да помогнат, но науката може да се користи и за да се предизвика штета, дури и за воени цели“, предупреди д-р Пет Томас, директор на „Beyond GM“.

Деталите за проектот беа објавени на Би-Би-Си на 25-годишнината од завршувањето на Проектот за човечки геном, кој за прв пат ги мапираше сите молекули во човечката ДНК, а кој исто така беше во голема мера финансиран од Велком.
Научниците еден ден би можеле да го создадат целиот човечки геном од нула
Секоја клетка во нашето тело содржи молекула на ДНК која ги носи генетските инструкции потребни за нејзино функционирање. ДНК се состои само од четири помали градежни блокови, A, G, C и T, кои постојано се повторуваат во различни комбинации.
Токму овие едноставни елементи ги содржат сите генетски информации што физички одредуваат кои сме. Проектот за човечки геном им овозможи на научниците да ги „прочитаат“ сите човечки гени како уникатен баркод.
Нов проект, кој штотуку започна, наречен Синтетички човечки геном, би можел да означи огромен чекор напред бидејќи ќе им овозможи на научниците не само да читаат ДНК, туку и да ја создаваат, дел по дел, молекула по молекула, а можеби еден ден и целиот човечки геном од нула.
Ќе се тестира како ДНК навистина функционира
Првата цел на научниците е да развијат методи за градење на сè поголеми парчиња човечка ДНК, до точка каде што можат синтетички да создадат цел човечки хромозом. Хромозомите содржат гени кои го регулираат нашиот развој, обновување и одржување на организмот.
Откако ќе успеат да ги создадат, ќе можат детално да ги проучуваат и да ги користат за експерименти за подобро да разберат како гените и ДНК-та всушност ги регулираат нашите тела.
Многу болести се јавуваат токму поради нарушувања во овие гени, па затоа ваквите истражувања би можеле да го отворат патот кон поефикасни терапии, вели професорот Метју Харлс, директор на Институтот Велком Сангер, кој учествувал во секвенционирањето на најголемиот дел од човечкиот геном.
„Синтетичкиот развој на ДНК ни овозможува навистина да тестираме како функционира ДНК-та и да тестираме нови теории, бидејќи во моментов тоа можеме да го направиме само со менување на ДНК-та што веќе постои кај живите организми“, рече Харлс.
„Пандорината кутија е отворена“
Работата на проектот ќе биде ограничена на експерименти во епрувети и лабораториски садови, нема да има обид за создавање синтетички живот. Новата технологија ќе им овозможи на научниците невидено ниво на контрола врз живите системи во човечкото тело.
Иако целта на проектот е да се пронајдат медицински придобивки, ништо не ги спречува неодговорните поединци да ја користат истата технологија за опасни цели.
Професорот Бил Ерншо, почитуван генетичар на Универзитетот во Единбург, кој развил метод за производство на вештачки човечки хромозоми, предупредува дека технологијата би можела да се злоупотреби за создавање биолошко оружје, подобрени луѓе или дури и суштества што носат човечка ДНК.
„Пандорината кутија е отворена“, изјави Ерншо за Би-Би-Си.
„Можеме да воведеме ограничувања сега, но ако некоја организација што има пристап до потребната машинерија одлучи да синтетизира што сака, не мислам дека ќе можеме да ги спречиме“, предупреди тој.
„Кој ќе ги поседува податоците?“
Пет Томас од организацијата „Beyond GM“ предупредува за комерцијалните аспекти на истражувањето, односно за можноста здравствените компании да ја користат технологијата за сопствен профит.
„Ако успееме да создадеме синтетички делови од телото или дури и синтетички луѓе, кој ќе ги поседува? И кој ќе ги поседува податоците што произлегуваат од овие креации?“, прашува научникот.
Со оглед на сите можни начини на кои технологијата може да се злоупотреби, се поставува прашањето зошто Велком одлучи да го финансира овој проект. Според д-р Том Колинс, кој дал зелено светло за финансирањето, одлуката не била донесена лесно.
„Се прашавме себеси каква би била цената ако не го направиме тоа“, изјави Колинс за Би-Би-Си.
„Сакаме да го чуеме мислењето на јавноста“
„Оваа технологија еден ден ќе биде развиена во секој случај, и ако го направиме тоа сега, барем имаме можност да го спроведеме целиот процес на одговорен начин и веднаш да се соочиме со етичките и моралните прашања што ги покренува“, изјави тој.
Како дел од проектот, паралелно ќе се спроведува програма за општествени науки, која ќе ја води професорката по социологија Џој Занг од Универзитетот во Кент.
„Сакаме да чуеме од експерти, социолози и, најважно од сè, од пошироката јавност, како тие ја перцепираат оваа технологија, како таа може да им користи и, секако, какви прашања и загрижености имаат“, рече Жанг.