Панчо ДНК го откажа учеството во „Маж на годината“: Не живеам во Северна

Музичарот Владимир Блажев, познат како Панчо од дуото ДНК го откажа своето учество во изборот за Маж на годината. Тој се најде помеѓу номинираните јавни личности на официјалната страница на изборот, заедно со Никола Ристановски, Боби Милевски, Стојанче Ангелов, Стефан Лазаров, Сашко Кедев, Петар Георгиевски – Камиказа и други.

Листата на кандидати била создадена според предлози и номинации на јавноста, а од пред три дена на страницата на ,,Маж на годината” започна и гласањето во категоријата Маж на годината според социјални медиуми, каде победник ќе биде оној кој ќе добие најмногу допаѓања под својата фотографија. Гласањето за оваа категорија се затвора утре, на 19-ти ноември, во 15 часот.

Досега Панчо има освоено 616 гласа, а пак најмногу гласови досега има комичарот Љупчо Крстевски, над 10.000.

Како што појаснува на својот официјален профил, Панчо не ни знаел дека бил номиниран за наградата, а се откажувал од номинацијата и учеството поради три причини.

– Од една моја блиска и почитувана пријателка само што дознав дека сум номиниран за маж на годината на ,,Северна Македонија” .

Прво и најбитно, сакам јавно да истакнам дека јас не живеам во ,,северна” туку во МАКЕДОНИЈА и со самото тоа би сакал своеволно да си ја откажам номинацијата и учеството!

Второ е тоа што мислам дека не сум заслужил да се најдам помеѓу сите овие номинирани величини, и трето дека сте ми ја утнале категоријата бидејќи сум висок, тоест низок – 168 см. и треба да спаѓам во категорија „МАЖИЊА“ – објави музичарот.

Изборот годинава ќе се одржи по седми пат, и претставува признание за инспирација, лидерство и успех.