Папата се огласи за титулат на Синер во Мелбурн: Денеска мора да им честитаме на Италијанците

Папата Франциско денеска и’ честиташе на Италија откако тенисерот Јаник Синер го освои трофејот на Австралија опен во Мелбурн и стана првиот Италијанец кој освоил Грен слем титула по речиси половина век.

Синер во неделата ја освои првата грен слем титула во кариерата, откако во финалето на Австралија опен го совлада Данило Медведев од Русија по пет сета со 3:6, 3:6, 6:4, 6:4, 6:3.

Последниот италијански тенисер кој освои Грен слем титула беше Адријано Паната во 1976 година на Ролан Гарос.

„Денес мораме да им честитаме на Италијанците откако вчера го освоија трофејот во Австралија. Честитки до нив“, рече папата Франциско на прославата на 125-годишнината од тенискиот клуб Барселона.

„Гледајќи ја историјата на вашиот клуб, можете да видите дека тоа е, во реалноста, од неговото англиско потекло, израз на отвореноста на основачот кон доброто што може да дојде од странство и дијалог со другите култури. Во тенисот, како и во животот, не можеме секогаш да победуваме. Но, збогатува ако се игра образовано, според правилата. Спортот не е само конкуренција, туку и дијалог. А во случајот со тенисот, тој дијалог често станува уметнички“, додаде тој.

Во ноември, Синер ја предводеше италијанската репрезентација до првата титула во Дејвис купот од 1976 година. Заедно со соиграчите, тој во четврток ќе присуствува на приемот кај претседателот Серџо Матерела.

Синер остана четврти на АТП листата, а Паната изјави дека 22-годишниот тенисер во изминатите четири месеци покажал дека заслужува да биде на првото место.

,,Тој е исклучително дете и најдобар производ што го имаме. Сигурно ќе освои многу грен слемови. Тој е мешавина од голема вештина, голема желба и голем карактер. Плус, знае да се одржи во тешки моменти. Ретко сум виде играч како него“, рече Паната за италијанското радио.